На авион на израелската авиокомпанија „Исреир“ што требаше да слета во Љубљана му беше одбиена дозвола за слетување и беше пренасочен кон Загреб, објави „Исреир“ во среда.
Според компанијата, одлуката ја донеле словенечките власти, а „Исреир“ тврди дека била политички мотивирана.
Извршниот директор на „Исреир“, Ури Сиркис, изјави дека потегот ги прекршил договорите за воздухопловство и прописите на Европската унија, објави „Џерусалем пост“.
Релевантните израелски институции, вклучувајќи го Министерството за надворешни работи и Управата за цивилно воздухопловство, беа вклучени во обид да се најде решение што ќе овозможи летот да продолжи според планираното, но напорите беа неуспешни, рече Сиркис.
Словенија избра премиер кој силно го поддржува Израел
Словенија избра премиер кој отворено го поддржува Израел, што е значаен политички пресврт по период обележан со затегнати односи со еврејската држава.
Јанез Јанша беше реизбран на 22 мај. Ова е негов четврти мандат како премиер, откако претходно ја извршуваше функцијата од 2004 до 2008, од 2012 до 2013 и од 2020 до 2022 година. Јанша е лидер на десничарската Словенечка демократска партија (СДС).
Под неговиот претходник, Роберт Голоб, Словенија се рангираше меѓу европските земји со најкритичен став кон Израел, заедно со Ирска и Шпанија. Во мај 2024 година, Словенија ја призна палестинската држава, а во јули 2025 година, владата на Голоб воведе санкции врз израелските министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич.
„Кон секоја нова влада пристапувам со претпазлива надеж и почитување на демократскиот процес“, изјави Роберт Валтл, директор на Еврејскиот културен центар во Љубљана и еден од претставниците на малата еврејска заедница во Словенија, за „Џерусалим пост“ по изборната победа на Јанша.









