Албанското собрание усвои резолуција за процесот на членство на земјата во ЕУ. Резолуцијата беше одобрена за време на денешната парламентарна седница со 114 гласови „за“, ниту еден против и еден воздржан, од вкупно 140 пратеници на албанското собрание.

Поранешниот министер за Европа и надворешни работи и претседател на Комисијата за Европа и надворешни работи на албанското собрание, Игли Хасани, ја презентираше резолуцијата, нагласувајќи дека таа го потврдува стратешкиот избор на Албанија, членство во ЕУ.

Според резолуцијата, албанското собрание е посветено на целосно зајакнување на својата улога во забрзувањето на процесот на пристапување на Република Албанија кон ЕУ и целосно и ефикасно извршување на своите законодавни и надзорни функции за процесот на пристапување кон ЕУ.

Исто така, се нагласува дека албанското собрание е посветено на промовирање на инклузивен политички и социјален дијалог со цел да се обезбеди национален консензус за европските приоритети.