Струга со децении го губи својот автентичен лик пред очите на јавноста. Старите куќи, културно-историските објекти и спомениците кои сведочат за богатата историја на градот полека исчезнуваат, оставајќи зад себе празнина која не може да се надомести со бетон и нови згради.
Наместо заштита и грижа, сведоци сме на уривање на објекти кои претставуваат душа и идентитет на Струга. Последен пример е куќата на стружанецот Денко Малески – објект кој не беше само дом, туку дел од колективната меморија на градот. Во исто време, Турскиот амам со години пропаѓа пред очите на институциите, заборавен и оставен на забот на времето.

Ова не е прашање само на еден народ, вера или заедница. Културното наследство на Струга им припаѓа на сите – Македонци, Албанци, Турци, Торбеши и сите граѓани кои низ вековите го граделе духот на овој град. Секој уништен објект претставува загуба за целата Струга и за идните генерации.

За жал, негрижата на претходните градоначалници и институции придонесе градот постепено да ја губи својата препознатлива слика и туристичка вредност. Наместо зачувување на старото градско јадро и историските знаменитости, се дозволи нивно исчезнување и заменување со безлични модерни објекти.

Затоа денес апелот е јасен и до актуелниот градоначалник Менди Ќира – да не се дозволи и за борави
понатамошно уништување на културното наследство на Струга. Потребна е итна стратегија за заштита, реставрација и зачувување на сите културно-историски објекти, без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Бидејќи град без историја, без стари куќи, без споменици и без културна меморија – полека престанува да биде град со душа.










