Турскиот парламент усвои забрана за користење на социјални мрежи за деца и млади под 15 години. Пратениците во парламентот во Анкара доцна во средата навечер  го изгласаа соодветниот законски предлог.

Според извештајот на државната новинска агенција Анадолу, компаниите сопственички на социјалните мрежи нема да смеат да нудат услуги за корисници помлади од 15 години. Тие исто така ќе бидат обврзани да воведат системи за проверка на возраста и да создадат контролни механизми за родителите.

Платформите со повеќе од десет милиони дневни пристапи од Турција, според Анадолу, ќе бидат дополнително обврзани во итни случаи да ги спроведуваат налозите на надлежните органи во рок од еден час.

Исто така, ќе мора да спречат повторно објавување на веќе избришани или блокирани содржини на нивните платформи. Прекршувањата може да резултираат со парични казни или технички ограничувања за пристапот до социјалните мрежи.

Опозицијата го критикува предлогот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сè уште треба да го потпише законот. Потоа, според Анадолу, тој ќе стапи во сила шест месеци по објавувањето во службениот весник.

Најголемата опозициска партија, ЦХП, е против предлогот и најави дека ќе се бори против него. Пратеникот Ѓокхан Гүнајдин ја обвини владата дека, под изговор на заштита на децата, воведува нови ограничувања.

Турција и во минатото беше предмет на критики поради ограничувања на социјалните мрежи. Пред околу една година беше блокиран профилот на Х (поранешен Твитер) на затворениот противник на Ердоган и сменет градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу.

Повеќе на:dw.de