Суровата нафта надмина 100 долари за барел по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Ако високата цена се задржи подолго, ударот врз македонската економија ќе биде неизбежен, велат експертите кои предупредуваат на ефекти врз транспортот, земјоделството и индустријата. Додека граѓаните чекаат на пумпите, премиерот Мицкоски уверува дека има доволно залихи и дека ако е потребно Владата ќе интервенира.

Редици автомобили деновиве имаше пред бензинските пумпи во повеќе градови низ Северна Македонија, вклучително и во главниот град Скопје. Граѓаните на некои бензински пумпи чекаа со часови за да наполнат гориво, а на дел од пумпите резервите брзо се исцрпија.

Ова се случува по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и нападите на САД и Израел врз иранска нафтена инфраструктура, што предизвика цената на суровата нафта од типот „брент“ да надмине 100 долари за барел на светските берзи.

Во неделата на 8 март, во Струга – град кој се наоѓа во близина на границата со Албанија, речиси ниту една бензинска пумпа не точеше гориво, откако претходните денови имаше редици автомобили, меѓу кои се забележуваа и со странски регистарски таблички.

Екипата на Радио Слободна Европа разговараше со вработени на една бензинска пумпа, кои велат дека горивото навистина е потрошено и дека не станува збор за задржување на залихите поради очекувано зголемување на цената.

„Колони автомобили полнеа гориво и не остана ништо, а нови количини во моментот не се испорачани од Скопје и затоа пумпите се празни“, ни кажа еден од вработените.

Четири пати поголема побарувачка

По патот кон Скопје застанавме на друга бензинска пумпа каде што сè уште се точеше гориво. Вработените таму велат дека имало зголемена гужва во текот на денот, но дека пумпата и понатаму има залихи.

Повеќе на РСЕ