Франција нема да прими американски воени авиони во своите бази на Блискиот Исток, соопшти во четврток француската воена команда, негирајќи ги претходните медиумски извештаи.
„Информациите за наводното распоредување на американски воени средства во нашите бази на Блискиот Исток не се точни“, изјави портпаролот на началникот на Генералштабот на француската армија.
Сепак, на американските воени авиони што ќе се користат за поддршка на операциите, но не и на борбените авиони, им е привремено дозволено да бидат стационирани во воздухопловната база Истр во југоисточна Франција, изјави армијата за Franceinfo.
Според француските вооружени сили, присуството на овие авиони е дел од рутинска постапка во рамките на НАТО, трансатлантскиот воен сојуз што ги обединува неколку европски и северноамерикански земји.
Со оглед на тензиите поврзани со тековните американски воени операции против Иран, Франција побара овие авиони да не учествуваат на никаков начин во операциите што Вашингтон ги спроведува против Иран.
– Наместо тоа, тие средства мора да се користат исклучиво за поддршка на одбраната на нашите партнери во регионот – рече портпаролот, додавајќи дека Париз добил целосни гаранции дека овој услов ќе биде почитуван.










