Собранието денеска (19 февруари) по скратена постапка го донесе Законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со овие измени, рокот за легализација на дивоградбите се продолжува за уште пет години, односно до 2031 година.

Дополнителните пет години се дадени за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година и формално измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.

Општините побараа уште пет години грејс период за да си ја завршат задачата стара петнаесет години за легализација на дивоградби, ама не знаат точно колку нерешени предмет имаат. Тие преку иницијатива на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) побараа пролонгирање на законскиот рок за решавање на предметите до 2031 година, но без конкретна бројка, без анализа и без јасна и јавна проценка за обемот на проблемот за кој бараат измени во законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Од Заедницата (ЗЕЛС)- во која членуваат сите 80 општини, за Радио Слободна Европа потврдија дека немаат направена анализа за реалните потреби на терен за продолжување на рокот на важење на законот за постапување со дивоградбите.

„ЗЕЛС не поседува точни податоци колкава е бројката на овие предмети, но според укажувањата од општините воопшто не е за занемарување, па токму затоа беше покренато и барањето,“ се вели во нивниот одговор за РСЕ.

Оттаму додаваат дека причините за нерешените предмети лежат во судски постапки за имотно-правни односи. Оттаму велат сите општини имаат незавршени предмети, а вкупните бројки не упатија да ги побараме од управниот и градежниот инспекторат, кои како што велат, имаат задача да ги вметнат објектите во идната урбанистичка документација.

Но, со ова не се согласува Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Оттаму велат дека не е нивна работа да постапуваат по Законот за бесправно изградени објекти, ниту пак имаат законска обврска и надлежност да водат евиденција за предметите кои произлегуваат од Законот.

„Ве упатуваме изворно да побарате од Заедницата на единиците на локалната самоуправа или во надлежните органи кои постапуваат по наведниот закон“, се вели во нивниот пишан одговор за РСЕ.

За нив овој закон е кочничар во нивната работа. Директорот на инспекторатот Зухејр Реџепи во разговор за РСЕ вели дека негов личен став е оти не треба да се продолжи рокот, затоа што надлежноста на инспекторите на терен завршува во моментот кога инвеститорот ќе му покаже документ дека е почната процедура за легализација.

Повеќе на РСЕ