Претседателите на Србија и Турција, Александар Вучиќ и Реџеп Таип Ердоган, на прес-конференција во Анкара оценија дека односите меѓу Србија и Турција се добри и дека се надеваат дека годишната трговија меѓу Турција и Србија ќе достигне вредност од пет милијарди долари.
Ердоган најави дека за два месеци ќе ги посети Белград и Нови Пазар со „голема делегација“.
Тој оцени дека Санџак е „мост на пријателство меѓу Србија и Турција“ и дека Анкара „никогаш не го занемарила Балканот“.
„Разговаравме што може да се направи за одржување на стабилноста и зајакнување на економскиот развој на Балканот. Нашата трговија и инвестиции, кои се зголемуваат од ден на ден, се движечка сила на нашите односи. Вкупната размена достигна три и пол милијарди долари минатата година, а постепено се приближуваме кон нашата цел од пет милијарди долари трговска размена“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека е „задоволен од интересот“ на турските инвеститори за Србија.
„Јасно е дека стратегијата за развој што се фокусира на инвестиции во инфраструктурата и растот придонесе за достигнување на оваа точка. Би сакал да повторам дека очекуваме инвеститори од Србија да дојдат во Турција“, рече тој.
Вучиќ: Трговска размена од три и пол милијарди долари
Вучиќ изјави дека трговската размена од три и пол милијарди долари „значи многу за Србија“ и дека Белград ја смета Анкара за еден од своите најважни партнери.
„Многу сум среќен поради тоа, тоа значи многу за Србија, која е значително помала од Турција и добро разбира дека не можеме да бидеме најважниот партнер на Турција, но Турција е еден од најважните партнери на Србија. Добро ја разбираме политичката важност на Турција, нејзината улога во економијата, нејзината улога во воената индустрија и во секој друг сегмент од општеството“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека неговата денешна средба со Ердоган била „продуктивна“ и изјави дека најмногу разговарале за турските инвестиции во Србија, нагласувајќи дека „во некои области, особено во посиромашните, луѓето имаат иднина благодарение на турските компании кои инвестирале пари и таму се снаоѓаат многу добро“.
Вучиќ, исто така, изјави дека се надева дека ќе потпише договор за изградба на брз пат помеѓу Краљево и Нови Пазар, „а потоа и Јариње, и дека тоа ќе ги реши клучните и најважните проблеми со патувањето на луѓето што живеат во тој дел од Србија“.
Тој ѝ се заблагодари на Турција за учеството на Специјализираниот светски саем Експо 2027 во Белград, бидејќи „тоа ни значи многу“.
Вучиќ изјави дека „сака да ја поддржи иницијативата на претседателот Ердоган, таканаречената „Балканска платформа за мир“.









