Во шведскиот главен град Стокхолм се одржа митинг, каде што стотици граѓани протестираа против кршењето на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа од страна на Израел.
На повик на бројни организации на граѓанското општество, демонстрантите се собраа на плоштадот Оденплан, изразувајќи противење на нападите на Израел врз Газа и ограничувањето на влезот на хуманитарна помош, и покрај прекинот на огнот што стапи на сила во октомври 2025 година.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораките „Окупацијата во Палестина мора веднаш да заврши“, „Стоп на геноцидот и блокадата“, „Овозможете хуманитарна помош“ и „Израел мора да го почитува мировниот договор“ и ја повикаа шведската влада да воведе сеопфатно воено ембарго врз Израел.
Од тука демонстрантите се упатиле до зградата на шведскиот парламент.
Шведската активистка Карен Вајлд, која го поддржа протестот, за агенцијата Анадолија изјави дека дошла на митингот за да го привлече вниманието кон она што го нарече бескрајно страдање на палестинскиот народ.
Таа нагласи дека светот затвора очи пред она што се случува во Палестина.
– Геноцид се случува пред наши очи и сè се емитува во живо на екраните. Никој не може да тврди дека не знае што се случува – рече Вајлд.
Нагласувајќи дека Израел не го почитува договорот за прекин на огнот, Вајлд рече дека секое палестинско дете има иста вредност како и децата во Шведска, Германија или Франција.
– Не е важно од каде доаѓаат, детето е дете. Она што се случува сега е ужасно, децата умираат од студ и глад. Тие го нарекуваат ова прекин на огнот, но јас го нарекувам геноцид – рече таа.










