Контрадикторни и неприфатливи се дел од забелешките на невладиниот сектор за законот за високата раководна служба во државната управа, е одговорот на министерот за администација Горан Минчев. Граѓанскиот сектор оцени дека со законот не се департизира администрацијата. Минчев, во интервју за РСЕ, кое ќе биде објавено в недела, најавува нова јавна дебата за законот.

Дебатата за реформата во администрација меѓу власта и невладниот сектор се вжешти. Предлог законот за високата раководна служба во државната управа, го продлабочи јазот во визијата на извршната власт и оценките од граѓанскиот сектор.

Додека министерот за администрација Горан Минчев го брани предложеното законско решение, како „инклузивно и рационално кое ќе ја намали партизацијата во администацијата“, граѓанските организации предупредуваат дека законот всушност го „зацементира“ политичкото влијание врз јавниот сектор.

Со предложениот закон за висока раководна служба се предвидува избор на професионалци за директори, државни секретари и членови на управни одбори во државната управа. Станува збор за 49 директори и нивни заменици во државни институции, за 19 државни секретари и членови во 13 управни одбори. Но ова е мал дел од институциите затоа што во Регистарот на Министерството за администрација се заведени вкупно 1.374 институции во јавниот сектор.

Со овој предлог закон, најавуван од власта како системско решение „кое еднаш за секогаш ќе стави крај на партиските вработувања и непотизмот“, ќе ги опфати само високите функции на државната управа, односно оние институции кои се директно под капа на централната, а се двојно помалку од оние под општинската власт.

Повеќе на РСЕ