Платите на избраните и именуваните функционери би требало да се зголемат, согласно законот според кој просечната плата за минатата година се множи со коефициентите за плата на функционерите. Во минатите две години овие коефициенти беа намалени со што се заузда растот на функционерските плати. Дали така ќе биде и годинава, допрва ќе се одлучува.
Платите на над илјада функционери би требало да се зголемат со редовното законско усогласување во март, освен ако тоа не биде запрено со измени во Собранието со кои ќе се „замрзнат“ или ќе се намалат коефициентите за пресметка на функционерските плати, како што беше случај во 2024 и 2025 година.
Тоа би значело дека и во услови кога расте просечната плата, функционерските плати не би пораснале.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека одлука засега не е донесена и ќе се чекаат статистичките податоци за просечната годишна плата за 2025 година што Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објавува во февруари.
„Минатата година донесовме одлука со која ги ограничивме платите на функционерите да не се зголемуваат како што се зголемуваат платите на сите други вработени во јавниот и приватниот сектор. Ќе ја видиме ситуацијата и соодветно ќе постапуваме. Стоиме на ставот дека откако сме дојдени на власт, немаме донесено ниту една одлука за зголемување на платите на функционерите. Да се извадат податоците па ќе донесеме одлука. Исто како што постапивме минатата година, ќе постапиме и оваа“, изјави Дурмиши по настан во Владата за промоција на закон за работно ангажирање лица.
Платата на функционерите се определува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место. Различни се коефициентите за претседател на држава, премиер,. министер, градоначалник…
Повеќе на РСЕ










