По смртта на 28 годишниот охриѓанец Кристијан Љушев, обвинителството трага по одговорните за небезбедните услови за работа. Градежништвото е втор сектор со најмногу жртви во Северна Македонија, велат стручните лица за безбедност при работа.
Градилиштето каде што пред десет дена загина младиот охриѓанец Кристијан Љушев е запечатено, откако охридски обвинител завршил со увидот по несреќата. 28 годишниот Љушев бил ангажиран од приватна компанија да монтира мебел во стан во зграда која нема употребна дозвола, при што паднал од петтиот кат во окно за лифт, брифираат од Обвинителството. Оттаму велат дека го чекаат извештајот од трудовиот инспекторат од терен, по што ќе сослушуват сведоци.
„После тоа ќе биде донесена јавно-обвинителска одлука за натамошна постапка“, велат од Обвинителството.
За тоа какви биле условите за безбедност при работа, овозможени од фирмата за мебел-работодавец и од инвеститорот на зградата, од трудовиот и градежниот инспекторат до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
Ова е втор случај на смрт на работно место за неполн месец. Претходно, на 8 јануари во Дебар загина 40 годишен маж. Тој, како што соопшти секторот за внатрешни работи во Дебар, паднал од зграда во изградба.
Повеќе на РСЕ










