Две големи американски нафтени компании, „Шеврон“ и „Квантум Капитал Груп“, се подготвуваат да ја преземат контролата врз меѓународното портфолио на санкционираниот руски нафтен гигант „Лукоил“, а администрацијата на претседателот Доналд Трамп сигнализираше поддршка за предлогот, објави „Фајненшл тајмс“.

Вашингтон воведе санкции врз вториот најголем производител на нафта во Русија минатиот октомври, како дел од пошироките напори за притисок врз Москва поради конфликтот во Украина, принудувајќи го „Лукоил“ да се откаже од своите странски средства во вредност од 22 милијарди долари. Поради санкциите, за секоја трансакција е потребна посебна дозвола од Министерството за финансии, а одобрението за преговори е продолжено до 17 јануари.

Значаен имот
„Шеврон“ и „Квантум“ ќе се натпреваруваат за целото меѓународно портфолио на средства на „Лукоил“, објави „Фајненшл тајмс“ во среда, кое вклучува три европски рафинерии, удели во нафтени и гасни полиња во земји како Ирак, Казахстан, неколку африкански земји и Мексико, плус малопродажна мрежа од повеќе од 2.000 бензински пумпи низ целиот свет. Интересно е што токму „Шеврон“ најмногу ги трие рацете околу американското зграпчување на венецуелската нафта.

Висок американски функционер го поздрави предлогот за Квантум-Шеврон за Фајненшл тајмс, велејќи: „Бараме продажба што ќе ја стави сопственоста на овој имот во рацете на американски сопственик и оператор до бесконечност“.

Други страни за кои се вели дека се заинтересирани за стекнување на средствата се ЕксонМобил, унгарскиот МОЛ, Емирати Интернешнл Холдинг Компани, приватниот инвестициски фонд Карлајл и саудиската Мидад Енерџи. Претходна понуда од швајцарскиот трговец Гунвор Груп пропадна во ноември откако Министерството за финансии на САД ја обвини компанијата за врски со Кремљ.

Москва постојано ги осудува западните санкции како политички мотивирани и нелегални, предупредувајќи дека тие ќе имаат контраефект. Откако пропадна договорот со Гунвор, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека ситуацијата со Лукоил покажува дека „нелегалните трговски ограничувања“ наметнати од САД се „неприфатливи и штетни за меѓународната трговија“.