Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази длабока загриженост поради воената акција на САД во Венецуела, предупредувајќи дека ескалацијата би можела да има сериозни импликации за регионот и меѓународниот поредок.
„Генералниот секретар е длабоко загрижен поради неодамнешната ескалација во Венецуела, која кулминираше со денешната воена акција на Соединетите Американски Држави во таа земја, што има потенцијално загрижувачки импликации за регионот“, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик во соопштението.
„Без оглед на ситуацијата во Венецуела, овие настани поставуваат опасен преседан“, додаде тој.
Гутереш ја нагласи важноста од целосно почитување на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН, изразувајќи загриженост дека фундаменталните правни норми може да не се почитуваат.
Тој ги повика сите актери во Венецуела да се вклучат во „инклузивен дијалог“ и повика на почитување на човековите права и владеењето на правото како средство за мирно решавање на кризата.










