• Премиерот Мицкоски го прозва градоначалникот на Струга дека оставил лош впечаток, а втора шанса за прв впечаток нема. Но, Ќура е убеден дека соработка и поддршка ќе имаат бидејќи вели потребни се едни на други.
  • Советот не може да избере претседател бидејќи ниту една партија нема мнозинство.
  • Несогласувања меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ, а СДСМ и НАИ обвинуваат дека проблем се партиските пазарења за функции поради кои трпи општината и граѓаните.

По повеќе од еден месец од избор на градоначалник и речиси два од изборот на новиот Совет, во Струга не може да се консолидира локална власт.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја доведе во прашање поддршка за градоначалникот Менди Ќура, велејќи дека оставил прв „катастрофален впечаток“. Од друга страна, ниту една од партиите што влегоа во Советот нема и засега не може да обезбеди мнозинство поради што сè уште не е избран ниту претседател.

Доколку нема функционална власт, согласни се претставниците на локалната власт со кои разговаравме, последиците ќе ти трпат граѓаните. Во оваа општина, која се наоѓа на крајбрежјето на Охридското Езеро во југозападниот дел од Северна Македонија, има околу 50.000 резидентно население.

Градоначалникот е убеден дека ќе соработува со премиерот

Менди Ќура, кој доаѓа од бизнис секторот, е единствениот кандидат кој освои градоначалничко место во земјава, а барем на хартија, се кандидираше како независен. Владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ (ВЛЕН) не излегоа со свои кандидати за Струга, туку му ја дадоа поддршката нему. По ставовите на Мицкоски дека го разочарал, градоначалникот смета дека нивната соработка може да продолжи затоа што „општината е над се“ и „имаат потреба едни за други“.

„Мислам дека ќе тоа не е некоја изјава што може да ги наруши односите. Ќе продолжиме да соработуваме затоа што на Општина Струга и требаат големи проекти кои се потребни за граѓаните“, вели Ќура за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Повеќе на РСЕ