Долниот дом на австрискиот парламент усвои забрана за носење шамии во училиштата за исламски девојчиња под 14 години.
Забраната, поднесена од владејачката коалиција од три центристички партии, беше поддржана и од крајно десничарската Партија на слободата, која сама побара мерката да се примени и на училишниот персонал.
Единствената партија што се спротивстави на предложената забрана се Зелените, кои имаат најмалку претставници во парламентот. Тие тврдеа дека таквата забрана го крши Уставот.
Австриската министерка за интеграција Клаудија Плаколм од конзервативната Национална партија, која ја предводи владејачката коалиција, ги нарече шамиите за малолетници „симбол на угнетување“.
Во 2020 година, Уставниот суд на Австрија пресуди дека претходната забрана, која се однесуваше на деца под 10 години во училиштата, е нелегална бидејќи дискриминираше муслимани и дека државата е должна да биде религиозно неутрална.
Министерот за образование Кристоф Видеркер рече дека младите девојчиња се изложени на зголемен притисок од нивните семејства и од млади мажи кои не се во нивно сродство, кои им кажуваат што да носат од „религиозни причини“.
(Вијести.ба / Срна)








