Во руралните средини има помалку од половината потребни матични лекари – од планирани 96, функционираат 44, а недостасуваат 52. Лекарот Томче Додевски за РСЕ сведочи за неговата 20 годишна работа во село Герман и дава предлози што да се направи за младите доктори да работат во селата. Фондот почна да менува правилници за да им овозможи подобри услови.
Ако има добра плата, верувам дека доктори ќе се вратат во селата. Примањата се важни бидејќи лекар кој работи во рурална средина ја жртвува кариерата и тоа некако треба да биде надоместено, вели доктор Томче Додевски кој 20 години ги лекува жителите на село Герман и околните села во планинската општина Ранковце.
Во крај со околу 170 жители, негови пациенти се повозрасни луѓе, над 65 години – главно со општи здравствени проблеми, па како лекар не успеал да има искуство со болести за кои учел на факултет. Обемот на работа е мал, тој има по неколку пациенти дневно за разлика од лекар во град кој прави по стотина прегледи во денот.
„Сум ги видел најчестите карциноми, но иако две децении работам, леукемија не сум видел“, вели Додевски за Радио Слободна Европа.
Повеќе на РСЕ









