Британскиот премиер Кир Стармер во четвртокот најави дополнителни 11,5 милиони евра (10 милиони фунти) за зајакнување на безбедноста на муслиманските заедници и нивна заштита од злосторства и напади од омраза.
Тој го објави ова по посетата на џамијата „Писхејвен“, која беше цел на палеж на почетокот на октомври.
За време на посетата, Стармер рече дека новото финансирање ќе им помогне на муслиманските заедници да се чувствуваат безбедно и слободно да ја практикуваат својата вера. Тој нагласи дека Велика Британија е горда и толерантна земја и дека нападите врз која било заедница се напади врз целата нација и нејзините основни вредности.
Никој не беше повреден во инцидентот на 4 октомври, но главниот влез во џамијата и едно возило беа оштетени. Полицијата во Сасекс потврди дека го третира инцидентот како злосторство од омраза.
Според соопштението од британската влада, дополнителните средства ќе бидат насочени кон безбедносни мерки во џамиите и муслиманските центри, вклучувајќи инсталација на видео надзор, алармни системи, заштитни огради и вработување на безбедносен персонал.
„Не треба да имаме потреба да ги обезбедуваме местата за богослужба, но за жал тоа е реалноста во која живееме“, им рече премиерот на собраните членови на заедницата.
Најавените средства се надополнуваат на претходно одобрените 33,7 милиони евра (29,4 милиони фунти) што веќе се достапни оваа година за џамии и муслимански верски училишта, според соопштението од британската влада.
Во последните месеци имаше голем број напади врз џамии низ Обединетото Кралство. За време на минатогодишните немири, местата за богослужба во Саутпорт, Хал и Сандерленд беа цел на вандали, предизвикувајќи сериозна загриженост и штета во локалните заедници.
Според најновите статистички податоци, бројот на злосторства од омраза насочени кон муслиманите се зголемил за 19 проценти, додека речиси половина од сите религиозно мотивирани инциденти (44 проценти) ги погодуваат муслиманските заедници.
– Велика Британија е земја на гордост и толеранција. Нападите врз која било заедница се напади врз целата наша нација и вредностите што ја прават силна. Ова дополнително финансирање ќе им обезбеди на муслиманските заедници заштита што ја заслужуваат, за да можат да живеат во мир и безбедност – рече премиерот Кир Стармер.
Тој додаде дека сака „Британија изградена за сите“, нагласувајќи дека неговата влада е посветена на тоа улиците да бидат побезбедни за секој граѓанин. – Ова значи заштита на местата за богослужба од оние кои сакаат да сеат поделба, омраза и насилство – заклучи Стармер.









