Турските борбени беспилотни летала „Скајдагер“ пристигнаа во Приштина, што предизвика остра реакција од српскиот претседател Александар Вучиќ. Веста ја потврди и косовскиот премиер Албин Курти на Фејсбук, објавувајќи фотографии од моќните летала што беа испорачани на аеродромот во Приштина.
Курти во соопштението рече дека дроновите се „илјадници дронови“ кои пристигнале три месеци порано од планираното, според договор со познатата турска компанија Бајкар, производителот на познатиот „Бајрактар“. Овие нови модели, „Скајдагер“, припаѓаат на класата на тактички дронови за напад кои можат да носат експлозивни направи со тежина од два до пет килограми и прецизно да погодуваат подвижни и статични цели.
Косовските власти претходно имаа турски дронови TB2 „Бајрактар“, како и американски системи „Пума“, но последната испорака беше означена како „најголемо воено засилување досега“.
Реакција од Белград дојде речиси веднаш. Претседателот Александар Вучиќ се огласи на социјалната мрежа „X“ (порано Твитер), изразувајќи шок и незадоволство од потегот на Турција.
„Згрозен сум од однесувањето на Турција и бруталното кршење на Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244. Ова е продолжение на вооружувањето на властите во Приштина и јасна порака до Србија. Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан, туку сонува повторно да ја обнови Отоманската империја“, изјавил Вучиќ.
Тој додаде дека Србија е „мала земја, но добро ја разбира пораката“.
Испораката на турски беспилотни летала на Косово доаѓа во време на зголемени тензии во регионот и сè почести обвинувања од Белград дека Приштина „гради армија зад грбот на меѓународната заедница“. Во меѓувреме, Турција се позиционира како еден од клучните воено-технолошки партнери на Косово, што дополнително ги комплицира односите меѓу Анкара и Белград.
Експертите предупредуваат дека оваа ситуација би можела да отвори ново поглавје на политички и безбедносни тензии во Западен Балкан, особено ако Србија одлучи да одговори со сопствено воено засилување.










