Блискиот Исток повторно е на работ на отворен конфликт. По 12-дневната војна меѓу Иран и Израел во 2025 година, што беше најопасниот конфликт меѓу двете земји во овој век, тензиите никогаш навистина не се смирија. Новата рунда санкции врз Иран и зголемените воени подготовки го враќаат регионот на работ на потенцијално разорен конфликт, објавува N1.info.

Израелските медиуми објавуваат дека Израел се подготвува за можен напад од страна на Иран поради новите, строги санкции што стапија на сила против Техеран. Израел е во состојба на висока готовност, подготвувајќи се за можни напади од Иран во следните два месеци. Во израелскиот безбедносен естаблишмент постои загриженост дека Исламската Република, однесувајќи се како „ранета ѕверка“, би можела погрешно да ги протолкува израелските потези или импулсивно да реагира под притисок на внатрешна криза.

Овие драконски мерки вклучуваат целосни забрани за извоз и увоз на воена опрема од и до Иран, а се однесуваат и на трети земји кои се обидуваат да ги заобиколат санкциите преку препродажба или индиректни канали. Во пракса, ова значи целосен колапс на веќе мртов нуклеарен договор JCPOA (Заеднички сеопфатен план за акција).

Иран е веќе силно погоден од хиперинфлација и економска нестабилност, а најновите санкции дополнително ја продлабочуваат кризата. Ирското раководство, соочено со растечки притисок одвнатре и однадвор, би можело да одлучи да нападне превентивно – верувајќи дека кој и да нападне прв добива стратешка предност, пишува израелскиот „Хајом“.

Висок израелски функционер, зборувајќи под услов да остане анонимен, рече: „Загрижени сме дека Иран, во својот очај, би можел да одлучи да пука во сите правци – буквално“.

За време на последниот отворен конфликт во јули 2025 година, иранските ракети ги погодија израелските градови Бат Јам и Тел Авив, како и Хаифа, оставајќи пустош зад себе. Израел одговори со прецизни напади врз иранските воени цели и инфраструктурата на Револуционерната гарда, како и цивилните објекти. Конфликтот беше запрен само по интензивни преговори и меѓународен притисок.

Експертите предупредуваат дека следниот конфликт би можел да биде уште поразорен – не само поради конвенционалното оружје, туку и поради потенцијалната употреба на сајбер напади и асиметрични стратегии во кои се вклучени сојузниците на Иран низ целиот регион, вклучувајќи ги Хезболах и проиранските милиции во Ирак и Сирија.

Израел, свесен за можноста да биде изненаден, активно ја зајакнува својата одбрана, мобилизира резервисти и одржува интензивни воени вежби.

Ситуацијата на Блискиот Исток повторно станува напната. Комбинацијата од политички очај, економски притисок и неизвесност создава ситуација во која една погрешна пресметка би можела да има катастрофални последици. Светот повторно се двоуми – дали Израел и Иран ќе влезат во нова војна?