Италијанската полиција откри нелегална фабрика за цигари и заплени 300 метрички тони цигари во Касино, на околу 120 километри од Рим.
Едно лице е уапсено, а средствата запленети во напуштениот логистички центар се проценуваат на вредност од повеќе од 50 милиони евра. Издадени се налози за апсење за други осомничени.

Истражителите веруваат дека преку нелегалното производство се избегнати даноци во вредност од над 500 милиони евра, додека организаторите оствариле нелегална добивка од околу 130 милиони евра.

Зад скриен подземен влез, полицијата пронашла спални и дневни простории за 18 работници, како и кујна и бањи. Се проценува дека објектот произведувал повеќе од седум милиони цигари дневно.

Станува збор за најголема нелегална фабрика за цигари откриена во Италија. Цигарите завршиле на црниот пазар во други земји од Европската Унија, како и во Италија.