Катар е домаќин на итен состанок на арапските и исламските држави во понеделник, како одговор на воздушниот напад на Израел врз лидерите на Хамас во Доха минатата недела. Нацрт-резолуцијата, која ја виде Ројтерс, ги осудува „непријателските акти на Израел, вклучувајќи геноцид, етничко чистење, гладување“, за кои се вели дека ги загрозуваат „перспективите за мир и коегзистенција“. Израел остро ги отфрли ваквите обвинувања.
Не е јасно какви практични одлуки би можеле да бидат донесени на состанокот, но аналитичарите велат дека е исклучено да се одговори со воена сила. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги повика муслиманските земји да ги прекинат сите врски со Израел, објави Ал Џезира.
Катар вети дека ќе продолжи со медијацијата
Претходно, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим ал-Тани ја повика меѓународната заедница да престане да применува „двојни стандарди“ и да го казнува Израел. Сепак, Катар во саботата објави дека ќе продолжи да медијатира и покрај нападот. „Израелското варварско однесување нема да нè одврати од продолжување на нашите искрени напори со Египет и САД за запирање на оваа војна“, рече катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани на состанокот на високи арапски и исламски дипломати во Доха.
Американскиот претседател Трамп во неделата изјави дека „Катар е многу добар сојузник“. „Израел и сите други, мора да бидеме внимателни. Кога напаѓаме луѓе, мора да бидеме внимателни“, рече Трамп. Патувајќи во Израел во саботата, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека на Трамп „не му се допаднал начинот на кој се одвивал (нападот врз Катар).“
Меѓународна осуда
Советот за безбедност на ОН го осуди нападот на Израел врз главниот град на Катар минатата недела. Израел ја бранеше својата акција, а претседателот Исак Херцог рече дека нападот бил неопходен за „отстранување на некои луѓе ако не се подготвени да постигнат договор“ за прекин на војната.
Хамас соопшти дека целиот преговарачки тим го преживеал израелскиот напад на 9 септември, но дека петмина од неговите членови биле убиени, вклучувајќи го и синот на главниот преговарач на групата, Калил ал-Хаја. Исто така, бил убиен и катарски безбедносен службеник.
Катар одигра клучна улога во дипломатските напори за прекин на војната, служејќи како посредник во индиректните преговори меѓу Хамас и Израел. Политичката канцеларија на Хамас се наоѓа во таа земја од 2012 година. Катар е исто така близок сојузник на САД, а голема американска воздухопловна база се наоѓа во пустината во близина на Доха.










