Археолози во Албанија открија голема римска погребна комора која датира од третиот до четвртиот век од нашата ера, прва од ваков вид пронајдена во балканската земја која некогаш била дел од Римското Царство.
Откако мештаните ги предупредиле за необични камења на плато во близина на границата со Северна Македонија, вработените од Институтот за археологија започнале со ископување на почетокот на август и пронашле подземна структура чии големи варовнички плочи биле врежани со грчки букви.
„Натписот ни кажува дека лицето погребано тука се викало Џелијано, име типично за римскиот период. Не сме сигурни за идентитетот на второто лице, но веројатно е член на семејството“, рече Ериксон Николи, водечки археолог на проектот.
Гробницата, со димензии девет на шест метри, е првото откритие во Албанија на она што експертите го сметаат за почивалиште на богат поединец, повеличествено од другите гробишта пронајдени во областа.
Локалните власти во Албанија, каде што туризмот е во подем, веќе планираат да го претворат местото во туристичка атракција, бидејќи жителите се собраа во областа откако ја слушнаа веста за откритието.
Минатата недела, тимот на Николи користел четки за да ги открие сложено врежаните рабови на белиот камен покрив и ѕидовите на гробницата.
– Исто така, откривме парче ткаенина извезено со златен конец, што го потврдува нашето верување дека имаме работа со член на горната класа – рече тој.
Други наоди вклучуваат стаклени чинии и ножеви.
Николи рече дека гробницата била ограбена најмалку двапати – еднаш во антиката и подоцна кога била употребена тешка машинерија за да се премести масивната карпа до врвот на комората.
Тој објасни дека името на станарот било напишано со грчки букви, но имало латинско значење, додека друг натпис укажувал дека гробницата била посветена на богот Јупитер.










