Иранскиот парламент донесе закон со кој се суспендира соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), вклучително и инспекциите од страна на нејзините набљудувачи, изјави во среда портпаролот на парламентот Алиреза Салими.
Според законот, на инспекторите на МААЕ ќе им биде забрането да влегуваат во земјата доколку не се гарантира националната нуклеарна безбедност, а за секој иден пристап ќе биде потребно одобрение од Врховниот совет за национална безбедност на Иран, рече Салими, според „Иран интернешнл“.
Тој додаде дека законот, одобрен и во општа и во специфична смисла, наметнува казни за секој што ќе дозволи персоналот на агенцијата да влезе во земјата без соодветно овластување.
Новата мерка се однесува и на заштитните мерки и на пошироката соработка со агенцијата, рече тој. Врховниот совет за национална безбедност на земјата сега треба да даде конечно одобрение за овој потег.