Иран ги евакуираше трите нуклеарни постројки кои беа нападнати некое време пред бомбардирањето, изјави за иранската национална телевизија Хасан Абедини, заменик директор на медиумот.
САД ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки во Фордоу, Натанц и Исфахан, објави претходно американскиот претседател Доналд Трамп, фалејќи се дека објектите се „целосно уништени“.
Без зрачење
„Залихите на збогатениот ураниум претходно беа преместени од нуклеарните центри и таму не останаа суровини што, во случај на напад, би можеле да предизвикаат радијација и да бидат штетни за нашите сонародници“, јави Ројтерс изјавата на Абедини на иранската телевизија.
Иранскиот регулатор за нуклеарна енергија извести дека нема траги од контаминација околу погодените објекти и дека нема опасност за жителите на околните области, пренесе Ројтерс.
Нуклеарната постројка Фордоу не претрпе значителна штета, изјави државен функционер за иранската новинска агенција Фарс, истакнувајќи дека оштетените делови од објектот се „на површината“ и може лесно да се обноват, пренесе Ројтерс.









