Јеменските Хути упатија сериозно предупредување до САД, велејќи дека се подготвени на вооружен одговор во случај на американски напад врз Иран. Во официјална изјава за медиумите, портпаролот на Хутите, Јахја Сари, рече дека секоја агресија против Иран ќе биде сфатена како напад врз Јемен.

– „Ако американската војска започне офанзива против Иран, цел на нашите напади ќе бидат нивните воени бродови во Црвеното Море“, рече Сари, нагласувајќи дека Хутите нема да молчат пред таквата агресија.

Според него, Јемен нема да толерира американско-израелски воени операции во регионот, бидејќи ги сметаат за обид за наметнување на ционистичка доминација и лишување на независноста на народите на Блискиот Исток.

„Ќе го третираме секој напад врз Иран како директна агресија против нашата земја. Нашите сили ги следат сите воени движења во регионот и се подготвени веднаш да дејствуваат за да го заштитат Јемен и неговите интереси“, додаде Сари.

Тој, исто така, потсети на солидарноста на Хутите со палестинскиот народ, особено со цивилите во Газа.

– „Оваа битка не е само иранска или јеменска – таа е битка на целата исламска нација. Газа нема да биде заборавена. Ние ќе застанеме со нашите палестински браќа и ќе обезбедиме целосна поддршка на отпорот против ционистичката окупација“, заклучи тој.