Иран потврди дека ја започнал својата одмазда против Израел, објави државната новинска агенција ИРНА.
Иранците го слават нападот врз Израел на улиците.

Иран изврши напади врз десетици цели, воени центри и воени бази што му припаѓаат на Израел, се вели во соопштението на Иранската револуционерна гарда.

Тие соопштија дека операцијата се викала „Вистинско ветување 3“ и додадоа дека дополнителни детали ќе бидат објавени подоцна.

Израелскиот весник „Хаарец“, повикувајќи се на службите за итни случаи, објави дека 15 лица се повредени во централен Израел, од кои едно се здобило со умерени повреди.

Една од лансираните балистички ракети ја проби израелската антибалистичка ракетна одбрана, погодувајќи го центарот на Тел Авив.

Огромни облаци од чад се издигаат над Тел Авив, видливи над облакодерите во центарот на градот. Чадот е толку густ што целосно ги засенува високите згради околу него.

Аксиос: САД му помагаат на Израел да пресретне ирански ракети

САД му помагаат на Израел да пресретне ирански ракети, објави „Аксиос“, повикувајќи се на висок американски функционер.

Израелските одбранбени сили: Пристигнува втор бран ракети

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека од Иран е испален втор бран балистички ракети кон Израел. На граѓаните им се препорачува да останат во засолништата додека воздушната одбрана продолжува да ги пресретнува заканите.

Во меѓувреме, „Скај њуз“ објави дека наскоро се очекува трет бран воздушни напади врз Израел.

Иран: Соборивме израелски авион и го заробивме пилотот

Иранската државна телевизија објави дека израелската армија соборила најмалку еден израелски воен авион, пренесува Ројтерс.

Пилотот преживеал и бил заробен, се додава во соопштението.

Сирени низ целиот Израел, огромни облаци од чад над Тел Авив

Како што објави „Хаарец“, израелската армија објави дека сирените за воздушен напад ќе се вклучат низ целата земја и ги повика граѓаните веднаш да одат во засолништа.

Главната дописничка на „Гардијан“ за Блискиот Исток, Ема Греам-Харисон, известува од Тел Авив дека над градот се слушаат бројни пресретнувања на ракети во воздух.

„Хаарец“ објави дека од Иран биле лансирани повеќе од 100 ракети, а низ целиот Израел се огласиле сирени за тревога.

Експлозиите одекнуваат во Ерусалим, јавува Си-Ен-Ен.

(Вијести.ба)