Одбивањето на Израел да дозволи хуманитарна помош да стигне до Појасот Газа и нападите врз дистрибутивните центри предизвикуваат глад кај цивилите, што претставува воено злосторство, обвини денес шведскиот министер за надворешни работи.
„Употребата на гладување на цивилите како метод на војување претставува воено злосторство. Хуманитарната помош што спасува животи никогаш не смее да се политизира или милитаризира“, изјави Марија Малмер Сенергард на прес-конференција.
„Сега постојат силни индикации дека Израел не ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право“, рече таа. „Од клучно значење е храната, водата и лековите брзо да стигнат до цивилното население, кое во голема мера го сочинуваат жени и деца кои живеат во целосно нехумани услови“, додаде таа.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, претходно оцени дека нападите врз цивили во близина на центрите за помош во Појасот Газа се „воено злосторство“.
Во декември 2024 година, Шведска објави дека ја прекинува помошта за агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) откако Израел ја забрани нејзината работа, обвинувајќи ја дека служи како параван за активностите на Хамас. Шведска испраќа помош преку други агенции на ОН и е втор најголем донатор на хуманитарна помош за Газа во ЕУ, изјави шведскиот министер за меѓународна соработка Бенџамин Дуса.
Оваа помош изнесува околу 91 милион евра од почетокот на војната во октомври 2023 година, а 73 милиони евра во 2025 година, рече тој.










