Шведската климатска активистка Грета Тунберг пристигна во Париз откако беше депортирана од Израел.
На прес-конференција на аеродромот во Париз, таа изјави дека израелските сили, заедно со други активисти, „ја киднапирале во меѓународни води“ додека се обидувале да достават хуманитарна помош во Газа.
Тунберг (22) претходно учествуваше во обид за пробивање на израелската поморска блокада на Газа, заедно со група пропалестински активисти. Израелската морнарица ги пресретна во понеделник наутро и се качи на бродот на хуманитарната организација кога се приближи кон брегот на Газа. Дванаесет членови на екипажот, вклучувајќи ја и Тунберг, беа приведени и депортирани.
Нѐ држеа на дното од чамецот, не ни дозволуваа да излеземе. Но, вистинската приказна е дека во Газа се случуваат геноцид и систематско гладување. Не смееме да го свртиме погледот“, изјави Тунберг.
Израелските власти ги обвинија активистите дека се обидуваат да извршат „про-Хамас публицитет“, наведувајќи дека „малата количина помош од јахтата, која не ја потрошија познатите личности, ќе биде доставена во Газа преку овластени хуманитарни канали“.










