Американскиот претседател Доналд Трамп во средата ја опиша својата прва средба со сирискиот претседател Ахмад ал-Шара како „одлична“, пофалувајќи го потенцијалот на лидерот во говорот во авионот „Ер Форс Уан“.
– Млад, привлечен човек. Цврст човек. Силно минато. Многу силно минато. Борец. Тој има сериозни шанси да задржи сè заедно – им рече Трамп на новинарите.
На состанокот, што се одржа во саудиската престолнина Ријад, на кој присуствуваше саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, телефонски се вклучи и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.


– Разговарав со претседателот Ердоган, кој е многу пријателски настроен кон него. Тој чувствува дека има шанса да заврши добра работа. Тоа е распадната земја – рече Трамп.

Американскиот претседател додаде дека ја охрабрил Сирија да се приклучи на Абрахамовиот договор откако ќе ги реши своите внатрешни предизвици.
– Му реков: „Се надевам дека ќе се придружиш кога ќе се реши тоа“ – рече Трамп.
Абрахамовите договори се контроверзен договор потпишан за време на првиот мандат на Трамп, со цел нормализирање на дипломатските односи меѓу Израел и арапските земји во регионот.
Трамп во средата објави дека САД ќе ги укинат санкциите врз Сирија, сигнализирајќи промена насочена кон промовирање на „нов почеток“ за земјата разурната од војна.