Воената операција за ослободување заложници од воз во пакистанската југозападна провинција Белуџистан заврши откако најмалку 21 патник и четворица војници биле убиени, соопшти денес армијата, јавува Anadolu Agency.

Генерал-полковник Ахмад Шариф, шеф на информативното крило на пакистанската војска, рече дека сите 33 осомничени милитанти вклучени во киднапирањето биле убиени во „успешна“ воена операција која траела 24 часа.
Ослободени се и сите заложници, додаде тој.

Милитантите убија 21 патник и еден припадник на безбедносните сили пред да започне безбедносната операција, додека уште четворица војници беа убиени во операцијата во која учествуваа специјалните служби на армијата и воздухопловните сили, додаде тој.

Милитантите лојални на забранетата Ослободителна војска на Белуџистан (БЛА) во вторникот разнесоа железничка пруга и киднапираа воз во оддалечениот регион Болан во југозападната провинција Белуџистан. Во возот имало околу 440 патници.
Одговорноста за овој напад ја презедоа милитантите.

БЛА и некои други групи долго време се вклучени во напади врз безбедносните сили и граѓани од други провинции.
Тие се борат за „ослободување“ на Белуџистан, за кој тврдат дека бил насилно припоен кон Пакистан по крајот на британската колонијална власт во обединета Индија во 1947 година.