Израелската влада го запре влезот на секаква хуманитарна помош во Појасот Газа по завршувањето на првата фаза од прекинот на огнот со Хамас, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Како што наведоа, Хамас одбил да го прифати предлогот на американскиот пратеник Стив Виткоф за привремено продолжување на примирјето. Портпаролот на Хамас ја нарече одлуката на Израел „евтина уцена“ и „удар на договорот за примирје“, повикувајќи ги посредниците да извршат притисок врз Израел да продолжи со испораката на помош за Газаните.

Хамас бара втората фаза од договорот да се спроведе во согласност со претходните договори, кои вклучуваат размена на заложници и палестински затвореници и повлекување на израелските сили од Газа. Во петокот вечерта, Хамас рече дека нема да се согласи да ја продолжи првата фаза без гаранции од САД, Катар и Египет дека втората фаза навистина ќе биде спроведена.

– По завршувањето на првата фаза од договорот за заложниците, а со оглед на отфрлањето на Хамас на предлогот на Виткоф за продолжување на преговорите – на што се согласи и Израел – премиерот Нетанјаху одлучи од утринава да престане целиот влез на стоки и залихи во Појасот Газа – стои во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.

– Израел нема да се согласи на примирје без ослободување на нашите заложници. Ако Хамас продолжи да одбива, ќе има дополнителни последици.

Портпаролот на Хамас одговори:

– Одлуката на Нетанјаху да ја прекине помошта за Газа уште еднаш го покажува вистинското лице на израелската окупација… Меѓународната заедница мора да изврши притисок врз израелската влада да престане со гладувањето на нашиот народ.

Кабинетот на Нетанјаху доцна синоќа соопшти дека Израел го прифатил американскиот предлог за продолжување на примирјето за уште шест недели, за време на Рамазан и еврејската Пасха. Доколку преговорите не донесат напредок по овој период, Израел го задржува правото да продолжи со воените операции.