Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави во средата дека Анкара нема да го прифати планот на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Газа и насилно раселување на нејзиното население и повика предлогот да не се сфаќа сериозно.
– Веројатно само две земји во светот го поддржуваат ова: САД и Израел. Остатокот од светот е против тоа – изјави Фидан во интервју за Ал Џезира Арапски.
Тој нагласи дека приоритет на надворешната политика на Турција е да ги намали конфликтите и да стави крај на војните во региони како Блискиот Исток, Кавказ, Балканот, Црното Море и Медитеранот, вклучително и регионот на Егејското Море.
– Водиме надворешна политика која е конструктивна, не ја загрозува безбедноста на другите, го почитува територијалниот интегритет на сите, се стреми кон економски развој и ја почитува волјата на народот – додаде тој.
Фидан ја критикуваше и експанзионистичката политика на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, предупредувајќи дека Тел Авив не само што одбива да признае палестинска држава, туку има и пошироки територијални амбиции.
– Наместо да обезбедат безбедност за себе и за другите, тие планираат да ја анектираат палестинската земја, па дури и да ги окупираат Либан и Сирија – рече тој.
Тој посочи дека ваквата политика е неодржлива.
– Америка сега ја поддржува оваа погрешна политика, но таа не е одржлива – рече тој.
Тој ги повика арапските земји да заземат цврст став против израелските акции.
Во однос на Сирија, Фидан ја потврди посветеноста на Анкара за територијалниот интегритет на земјата, наведувајќи дека каква било интервенција, без разлика дали се работи за терористички групи како ПКК или Израел, е неприфатлива и дестабилизирачка.
Фидан зборуваше и за дипломатските напори на Турција во однос на Украина, велејќи дека има знаци дека војната се ближи до крајот.
– Се разговара за условите на примирјето – рече тој, посочувајќи дека и Вашингтон и Москва се подготвуваат да назначат претставници за преговори.
– До лето треба да видиме конкретни чекори кон запирање на украинската војна – посочи тој.








