Познато е дека катарската монархија вложи огромни напори и огромни пари за да го подобри својот имиџ на Запад пред Светското првенство во фудбал во 2022 година. Она што беше невообичаено беше откритието на израелскиот Канал 12: Ели Фелдштајн, поранешен портпарол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, даваше услуги на фирма за односи со јавноста ангажирана од Катар за да го поправи нејзиниот имиџ во екот на преговорите за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците.
Во критичен момент, кога израелското јавно мислење беше во агонија поради континуираниот неуспех на преговорите меѓу Нетанјаху и емисарите на Хамас во Доха, дел од придружбата на Нетанјаху го насочи својот поглед кон непријателскиот благајник. До масакрот на 7 октомври, Катар беше главниот финансиер на организацијата која управуваше со Газа. Милиони долари кои се влеваа во Појасот, теоретски наменети да ги платат платите на државните службеници и да им помогнат на семејствата во неволја, пристигнуваа месечно со израелско одобрение.
Нетанјаху се одлучи за политика „раздели па владеј“. Катарските долари ja зајакнаа власта во Газа, и започна да преовладува внатрешната палестинска поделба, со што беше отстранета секоја можност за продолжување на дипломатските преговори за решение на конфликтот. „Хамас е предност, палестинската власт е товар“, проповеда еврејската екстремна десница која го одржува Нетанјаху на власт.
Фелдштајн веќе предизвика уште една огнена бура што го чинеше работа минатиот ноември. Со соработка на тројца претставници на одбраната, тој добил и објавил доверливи воени информации за германскиот весник Билд во обид да манипулира со локалното јавно мислење против семејствата на заложниците кои бараат прекин на огнот во Газа. Имаше намера да ги обвини за застој на преговорите во Доха, па дури и за зајакнување на Хамас. Тој беше обвинет за „поткопување на националната безбедност“ и затворен за употреба на државни тајни кои ги погодија интересите на неговата земја.
Според Канал 12, Фелдштајн постојано контактирал со новинарите за да ја консолидира позитивната приказна за Катар за време на преговорите за постигнување прекин на огнот, во кои активно учествуваа и Египет и Соединетите држави. Неговата работа траела до избивањето на случајот кој го чинел затвор, каде бил под посебен надзор за да се спречи можно самоубиство.
Фелдштајн не е единствениот надворешен советник на Нетанјаху кој играл на двете страни. Јонатан Урих и Израел Ајнхорн, сопственици на фирма која ги советува политичарите ширум светот, исто така беа ангажирани од Катар да ја промовираат како мирна земја пред да биде домаќин на Светското првенство. Нивните имиња се поврзуваа и со аферата „Библликс“, протекување документи за германски „Билд“.
За време на краткиот мандат на Нетанјаху во опозиција помеѓу 2021 и 2022 година, Урих и Ајнхорн биле ангажирани од лидерот на партијата Ликуд за да го зајакнат профилот на партијата. На почетокот на 2023 година, лидерот со најдолг стаж на Израел, Нетанјаху, се врати на власт. Кратковечната влада што го замени, исто така, не успеа да го спречи протокот на катарски актовки во Газа. Помеѓу 2012 и 2022 година, Доха префрлила околу три милијарди долари во Газа. Според израелските власти, Хамас пренасочил дел од парите за изградба на својот воен конгломерат.
И покрај тоа што не бил државен службеник или го поминал потребниот безбедносен сертификат, Фелдштајн редовно ја посетувал главната команда на израелската армија во Тел Авив и поминувал долги часови во кабинетот на премиерот. – Заговорите околу Катар се огромни и веројатно сè уште не ја знаеме целата приказна – изјави Јоси Вертер за Ха’арец.
Тој аналитичар ја растури приказната за поврзаноста на Нетанјаху и поранешниот директор на Мосад, Јоси Коен, со Доха: приказната за протекување информации – веројатно доаѓа од Обединетите Арапски Емирати – кои откриваат мито од Катар на израелскиот премиер, како и други докази за пари од таа арапска земја користени за финансирање на изборните кампањи на Ликуд.
Засега е јасно дека разузнавачките служби на Катар – земјата која до неодамна беше домаќин на лидерите на Хамас во дијаспората – навлегле во срцето на кабинетот на израелскиот премиер. Од слабата и фрагментирана израелска опозиција, само Јаир Голан, лидерот на фракцијата на Демократите, го крена својот глас барајќи одговорност. Како одговор, Нетанјаху повторно ја обвини длабоката држава (судиите и безбедносните службеници) за заговор за да се обиде да го собори. „Што знаеше премиерот за тоа? А ако не, зошто?“, праша Вертер како одговор на тие тврдења. ЛА ВАНГУАРДИА









