Полските граничари откриле повеќе од 100 килограми кокаин на дното на Балтичкото Море за време на операциите за заштита на критичната подводна инфраструктура, соопштено е денеска.
Седум лица се уапсени во случајот со запленета дрога. Граничарите навеле дека на црниот пазар може да достигне вредност до 60 милиони злоти или околу 15 милиони евра.
Земјите од Балтичкото Море се во состојба на висока готовност за инциденти кои вклучуваат критична подводна инфраструктура, а НАТО вети дека ќе го зголеми своето присуство во областа по повеќекратните инциденти со сомневање за оштетување на таквата инфраструктура.
Дрогата е пронајдена на морското дно во областа на Гдањскиот Залив. Местото каде што се пронајдени наводните сторители е потоа откриено, што довело до откривање на дополнително количество дрога. Властите соопштија дека доколку бидат прогласени за виновни, приведените може да се соочат со затворска казна до 20 години.
Од крајот на 2022 година, имаше серија инциденти во Балтичкото Море кои ја погодија клучната европска инфраструктура на дното, вклучувајќи гасоводи и електрични и телекомуникациски кабли, покренувајќи го прашањето за саботажа.
Поправките на подводната инфраструктура може да траат со месеци и да чинат милиони евра, а дури и малите прекини можат да предизвикаат сериозни нарушувања – од оневозможување на онлајн купување до прекини во телекомуникациите. Заштитата на подводната инфраструктура е од големо значење бидејќи повеќе од 95 проценти од глобалниот интернет сообраќај се пренесува преку подводни кабли.









