Египет денеска објави дека ќе одржи вонреден состанок на арапските земји подоцна овој месец, откако американскиот претседател Доналд Трамп зборуваше за планот САД да го преземат Појасот Газа и да раселат стотици илјади Палестинци од енклавата, пренесува ДПА.
Состанокот ќе се одржи на 27 февруари во Каиро за да се разговара за „последните сериозни случувања“ околу палестинското прашање, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.
„Ривиера на Блискиот Исток“
Трамп претходно оваа недела, по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рече дека САД ќе го преземат Појасот Газа и ќе изградат „блискоисточна ривиера“, а нејзините жители ќе бидат преместени во други земји.
Неговите изјави беа дочекани со жестоки критики од меѓународната заедница, вклучително и од арапскиот сојузник на Египет, кој граничи со палестинската енклава.
Египет минатиот месец, заедно со САД и Катар, посредуваше за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и движењето Хамас, по повеќемесечни преговори.
Египетскиот министер за надворешни работи заминува во Вашингтон
Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати денеска замина во Вашингтон каде ќе се сретне со претставници на администрацијата на Трамп и членови на Конгресот.
Неговото министерство објави дека целта на состанокот е „зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство меѓу Египет и САД“ и разговори за „регионалната ситуација“.








