Абас Арагчи, ирански министер за надворешни работи, изјави дека Израел и Америка би биле „луди“ да ги нападнат нуклеарните постројки на Техеран бидејќи таквата акција би предизвикала „многу лоша катастрофа“ во регионот.
Тој ова го кажа во ексклузивното интервју за Скај њуз, првото што Арагчи го даде по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, за кого британската телевизија вели дека е главниот непријател на Иран.
За време на интервјуто што го даде во зградата на Министерството за надворешни работи во Техеран, иранскиот министер за надворешни работи се потсмеваше на сугестијата на Трамп дека Појасот Газа треба да се „исчисти“ од Палестинците и наместо тоа му предложи на шефот на Белата куќа да испрати Израелци на Гренланд.










