Турција прогласи ден на национална жалост по трагичната смрт на 66 лица во пожарот што избувна во хотел во провинцијата Болу.
Како што беше претходно соопштено, најмалку 66 лица загинаа, а 51 се повредени во пожар што избувна во хотел во ски-центарот Карталкаја во северна Турција, потврди турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, пренесува Anadolu.
Од 51 повредено лице, едно е во критична состојба и моментално се лекува на одделението за интензивна нега, потврди министерот за здравство Кемал Мемишоглу, наведувајќи дека 17 лица се пуштени од болница по укажаната лекарска помош.
Пожар избувна во хотел во одморалиштето Карталкаја во турскиот град Бол рано утринава, поради што на местото на настанот беа испратени бројни екипи за итни случаи од соседните градови, вклучително и пожарникари, единици за одговор при катастрофи и медицински тимови поддржани од хеликоптери.

Додека продолжуваат напорите за гаснење на пожарот властите евакуираа околу 230 гости од хотелот .
Покрената е истрага за причините за пожарот.
Карталкаја во провинцијата Бол е една од најважните зимски туристички дестинации во Турција и привлекува илјадници посетители за време на скијачката сезона.
Одморалиштето се наоѓа на околу 295 километри источно од Истанбул.