Шест Палестинци се убиени, а 35 ранети во голема израелска воена операција започната во градот Џенин на северниот дел на Западниот Брег, соопштија палестинските здравствени власти во Рамала.
Операцијата, наречена „Челичен ѕид“ од израелските одбранбени сили (ИДФ), предизвика судири со палестинските борци и осуда од палестинските фракции.

ИД соопшти дека операцијата имала за цел да ги спречи „терористичките активности“ во Џенин, а израелските медиуми цитираат воени извори кои укажуваат дека операцијата може да трае неколку дена.

Палестински безбедносни извори соопштија дека израелските сили со голем број возила влегле во Џенин и во соседниот бегалски камп, што се совпадна со напади со беспилотни летала и хеликоптери. Очевидци известија за тешки судири меѓу израелските сили и вооружените палестински фракции.

Како одговор на нападот, Хамас повика на интензивирање на борбите против Израел. Бригадите Ал Кудс, вооруженото крило на палестинскиот исламски џихад, тврдеа дека го одбиле израелското напредување.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека операцијата е „уште еден чекор во постигнувањето на целта што ја поставивме, за зајакнување на безбедноста“ на Западниот Брег.

Израелскиот весник Хаарец објави дека Израел побарал од безбедносните служби на Палестинската управа да се повлечат од Џенин пред операцијата, пренесе Ксинхуа.

(Vijesti.ba / ФЕНА)