Воздушниот простор на Романија е нарушен за време на ноќниот руски напад врз Украина, а зоната на веројатен влез на беспилотни летала е одредена во близина на границата, во југоисточниот округ Тулка, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Романија, членка на НАТО, подигна два борбени авиони за да спречи можен напад од воздух.
Министерството за надворешни работи на Романија најостро го осуди синоќешното нарушување на воздушниот простор на земјата при нападот на руски беспилотни летала врз Украина.
– Системите за надзор и извидување на романското Министерство за одбрана открија повреда на романскиот воздушен простор во близина на границата, во областа Тулчеа, кога руските сили продолжија со серијата напади со беспилотни летала врз цивилни цели и пристанишна инфраструктура во Украина – соопшти Министерството.
Тие изјавија дека почитувањето на суверенитетот, безбедноста и мирот е обврска која Руската Федерација систематски и неиспровоцирано ја прекршува.
Тие додадоа дека руските сили со својата нелегална војна против Украина создаваат сериозна и трајна закана за целиот регион на Црното Море, како и за источното крило на НАТО алијансата.
Паѓањето на делови од беспилотни летала и нарушувањето на романскиот воздушен простор се честа појава во последната година и половина, откако Русија ја нападна украинската пристанишна инфраструктура на реката Дунав, објавија регионалните медиуми.
Романија, Унгарија и Полска постојано забележале кршење на нивниот воздушен простор откако Русија ги започна своите напади врз Украина во февруари 2022 година.