Израелскиот безбедносен кабинет денеска го одобри договорот за прекин на огнот, со што се отвора патот за враќање на првите заложници од Газа задутре, како и крај на 15-месечниот конфликт што ја опустоши палестинската крајбрежна енклава.
Договорот меѓу Израел и Хамас се уште чека одобрување од целосниот кабинет. Војната меѓу израелските сили и палестинската управа го опустоши поголемиот дел од Газа, убивајќи повеќе од 46.000 луѓе, а повеќето од предвоеното население на енклавата од 2,3 милиони луѓе неколку пати беа раселени, според локалните власти.
Доколку успее, примирјето може да го намали интензитетот на конфликтот на Блискиот Исток, каде што војната од Газа се прошири во Иран, односно неговите посредници, либанскиот Хезболах, јеменските Хути и вооружените групи во Ирак, како и во окупираниот Западен Брег.
Израелските авиони денеска ги продолжија нападите во Газа, а палестинската служба за вонредни состојби објави дека од завчера објавениот договор загинале 116 Палестинци, од кои речиси 60 жени и деца. Како дел од првиот, шестнеделен договор во три фази, Хамас ќе ослободи 33 израелски заложници, вклучувајќи ги сите жени, војници и цивили, деца и мажи над 50 години. Израел до крајот на првата фаза ќе ги ослободи сите палестински жени и деца помлади од 19 години од израелските затвори.
Вкупниот број на ослободени Палестинци ќе зависи од ослободувањето на заложниците и може да биде помеѓу 990 и 1.650 Палестинци, вклучувајќи мажи, жени и деца. Израелското Министерство за правда денеска објави список од 95 палестински затвореници кои ќе бидат ослободени задутре, во првата размена. Во соопштението на Хамас се вели дека се решени тешкотиите што се појавија околу условите од договорот за прекин на огнот во Газа.
На договорот остро се спротивставија тврдокорните во владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кои рекоа дека тој претставува капитулација на Израел пред Хамас. Министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир се закани дека ќе поднесе оставка доколку договорот биде одобрен. Сепак, тој рече дека нема да ја собори владата.
По состанокот на безбедносниот кабинет, Бен-Гвир во изјава го повтори своето противење на договорот за прекин на огнот и го повика целиот кабинет да му се придружи во гласањето против него. Израел тврди дека се уште има 98 заложници во Газа, а околу половина се верува дека се уште се живи. За првпат израелските власти официјално ги информираа семејствата на заложниците за имињата на првите 33 кои ќе бидат ослободени, но не се знае колку се уште се живи на тој список.
