На околу 20 километри североисточно од Дамаск, патот води до оддалечената област Дума и оваа фабрика. Порано произведуваше чипс, но режимот на претседателот Башар ал Асад ја претвори во фабрика за каптагон, забранет стимуланс познат и како „кокаин за сиромашните“.

– Кланот на Асад беше најголемиот производител на дрога во светот – вели Базел, член на групата Хајат Тахрир ал-Шам која неодамна ја презеде власта од Асад.

Тој не сакаше да го открие своето презиме.

Во кутиите со електроника, тој открил скриени количества стимуланс сличен на амфетамин, подготвен за извоз.

– Целиот каптагон што е скриен овде е одговорност на Махир ал Асад, братот на Башар и неговите сојузници. Во овие електрични уреди криеле таблети, во секој од нив имало и до два килограми каптагон, а потоа ги дистрибуирале во земјите низ светот – вели Базел.

Експертите велат дека трговијата со капатагон станала клучен извор на приход за режимот на Асад и дека му помогнала да ги ублажи ефектите од меѓународните санкции. Лекот му носи на семејството Асад профит од околу 2,4 милијарди долари секоја година, според Институтот „Њу Лајнс“ со седиште во Вашингтон.

Во фабриката сè уште се присутни алатите и хемикалиите што се користат за правење каптагон. Кутии со таблети се расфрлани низ просториите, заедно со материјали за пакување во кои била скриена дрогата. Велат дека каптагон често се шверцува во кутии со сок од портокал, електрични апарати, па дури и во мебел.

Членовите на Хајат Тахрир ал-Шам велат дека работниците ја запалиле фабриката пред да побегнат за да ги прикријат доказите.

Велат и дека низ Сирија откриле и до 160 слични предмети. Тие, исто така, пронајдоа документи со детали за комерцијалните активности, вклучувајќи податоци за клиентите, кои опфаќаат земји, компании и поединци. Во 2023 година, британската влада процени дека околу 80 отсто од светската понуда на каптагон доаѓа од Сирија.

Новата влада вели дека е време да се запре производството на дрога во Сирија и дека продажбата на наркотици за финансирање активности не се совпаѓа со нивните вредности.