Турција одлучи да дозволи една прокурдска партија во парламентот да разговара со милитантниот водач Абдула Оџалан во неговиот затвор на островот, објави во четвртокот провладиниот весник Сабах, што претставува прва ваква посета по речиси една деценија.
Денес или утре се очекува делегација на Демократската партија (ДЕМ) да го посети затворот на островот Имрали, објави Сабах на својата веб-страница, без да го прецизира изворот на информацијата, пренесува Ројтерс.
Одлуката доаѓа откако клучниот сојузник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го предложи потегот како дел од напорите да се стави крај на 40-годишниот конфликт меѓу државата и забранетата милитантна група на Курдистанската работничка партија (ПКК) на Оџалан.










