Сопругата на соборениот сириски лидер Башар ал Асад боледува од тежок облик на леукемија и нејзините шанси да преживее се 50 отсто, јавуваат медиумите.

Асма ал Асад во изолација сака да се заштити од каква било зараза, па не може да биде во иста просторија со други луѓе, објави и Телеграф.

Семејството Ал Асад побегна во Москва бидејќи молскавична офанзива го собори режимот на Башар ал Асад претходно овој месец.

Поранешната прва дама Асма ал Асад и нејзините деца ја напуштија Сирија пред претседателот, но сега наводно се грижат за нејзиниот татко Фаваз Ахрас, угледен лондонски кардиолог за кој се вели дека е „скршен“.

Сириското претседателство во мај објави дека на Асма ал Асад, Сиријка родена во Лондон, и била дијагностицирана акутна форма на леукемија, рак на коскената срцевина и крвта.

Телеграф објави дека се верува дека леукемијата и се вратила по период на ремисија. Таа претходно се лекуваше од рак на дојка, но во 2019 година објави дека повеќе не е болна по една година лекување.

Претходните извештаи сугерираа дека Асма ал Асад е уморна од ограничувањата што и се ставени во Русија и дека сака да се разведе од сопругот и да започне со лекување во Лондон.

Кремљ го отфрли написот на турските медиуми дека Асма ал Асад сака да се разведе и да ја напушти Русија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така ги отфрли извештаите на турските медиуми кои сугерираат дека Асад е затворен во Москва и дека неговиот имот е замрзнат. Запрашан за време на конференцијата дали извештајот одговара на реалноста, Песков рече: „Не, тие не одговараат на реалноста“.

Дејвид Лами, британскиот министер за надворешни работи, изјави дека поранешната прва дама, иако е родена во Лондон во 1975 година, не е добредојдена во Обединетото Кралство.

Да потсетиме, пред нешто повеќе од една недела сириските бунтовници ставија крај на 24-годишното авторитарно владеење на Башар ал Асад. Милитантите упаднаа во претседателската палата во Дамаск извикувајќи „Господ е најголем“ и на тој начин го принудија претседателот да го напушти главниот град. Се качи во авион и побегна во Русија, каде Владимир Путин му даде азил.

(Vijesti.ba)