Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изрази неодобрување за одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) да и дозволи на Украина да го користи тактичкиот ракетен систем (ATACMS) против Русија.
– Прво и основно, оваа одлука не ја сметаме за правилна, ниту ја одобруваме – рече Ердоган, обраќајќи им се на новинарите, при враќањето од Бразил.
Тој го критикуваше влијанието на таквите акции врз војната меѓу Русија и Украина, која трае повеќе од 1.000 дена.
– Џо Бајден направи чекор кој може да се протолкува како потег за поттикнување на војната (Русија и Украина) и овозможување таа никогаш да не заврши, па дури и да се прошири – рече Ердоган.
Тој предупреди дека ескалацијата на ракетните тензии меѓу Русија и Украина може да има пошироки глобални последици.
– Ова може да го доведе регионот и светот на работ на голема војна. Менталитетот „иднината нека се грижи за себе“ не води никаде – рече турскиот претседател.
Зборувајќи за прашањата за националната безбедност, Ердоган ја потврди посветеноста на Турција во борбата против тероризмот дома и во странство.
– Решени сме проблемот со тероризмот да го оставиме на историјата. Немаме толеранција за структури кои претставуваат закана за нашата земја надвор од нашите граници – нагласи Ердоган.
Тој, исто така, го повика сирискиот режим да преземе поголема одговорност во борбата против тероризмот, особено во однос на терористичките групи ПКК и ЈПГ.
– Како што правиме напори да го исцедиме ова мочуриште, во слични напори треба да се приклучи и сириската администрација – рече Ердоган.
Осврнувајќи се на Сирија, Ердоган повтори дека Турција е подготвена за нова динамика по американското повлекување.
– Како Турција, ние сме подготвени за новата ситуација што ќе настане со повлекувањето на ЕЦД од Сирија и за сегашната реалност. Нашата национална безбедност е на прво место. Блиску сме до остварување на нашата цел, Турција без тероризам, се фокусиравме на овој проблем во сите негови аспекти и решени сме да го решиме – додаде Ердоган.
Во својата 40-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК – прогласена за терористичка организација од Турција, САД и Европската унија – е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња.
Ердоган се осврна и на постојаната закана од терористичката организација ФЕТО, нагласувајќи ја внимателноста во сите турски институции.
-Никогаш не можеме да бидеме самозадоволни во борбата против ФЕТО. Сите наши институции се во состојба на готовност против обидот за инфилтрација на ФЕТО – заклучи Ердоган.









