Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика што е можно повеќе земји да воведат ембарго за оружје на Израел и да ги прекинат трговските односи со таа земја, што ќе го изолира од остатокот од светот.

„Целта на Израел е да се насели во Газа, да ја елиминира палестинската заедница на Западниот Брег и конечно да ја анектира оваа територија. Ова е начинот на кој Израел сака да оди. Мораме да го спречиме ова. Додека само мал дел од западните земји ја поддржуваат војната на Израел, политички, економски и морално, несоодветната реакција на муслиманските земји доведе до оваа ситуација. Од клучно значење е да продолжиме да ги координираме нашите иницијативи и да преземаме решителни мерки против оние што стојат зад геноцидот во Палестина. Најважно е да се воведе ембарго за оружје. Запрете ја трговијата и изолирајте го Израел“, рече тој, цитиран од ТВ каналот ТРТ на самитот на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка.

Турскиот лидер потсети дека иницијативата на неговата земја за забрана на испорака на оружје за Израел ја поддржале 52 членки на Обединетите нации и две меѓународни организации. „Мораме да повикаме што е можно повеќе земји, особено членките на ОН, да се приклучат на судската постапка [за геноцид] што Јужна Африка ја започна против Израел пред Меѓународниот суд на правдата. Подготвени сме да ги спроведеме сите конкретни и реални предлози насочени кон тоа владата на Нетанјаху да ја плати цената за окупацијата на палестинските територии“,истакнал Ердоган.