Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот се запраша како Обединетите нации (ОН) можат да ги бранат правата на другите кога не можат да ги заштитат правата на сопствениот персонал поради израелските напади врз мировниците во Либан.
– Сите со срам гледавме колку Советот за безбедност на ОН и меѓународните организации се беспомошни пред израелската ароганција – рече Ердоган на конференцијата за глобална дипломатија и иднината на Палестина во Анкара.
Ердоган праша уште колку долго Советот за безбедност на ОН ќе стои настрана и „да гледа како нашиот регион се претвора во море од крв, додека цивилите во Газа се запалени живи“.
– Сведоци сме како организациите за човекови права и светските медиумски организации глумат три мајмуни кога се во прашање правата на невините деца убиени во Газа – рече Ердоган.

Ердоган, исто така, рече дека Палестинците ја трпат оваа репресија со децении, додека Израел ја продолжи својата политика на окупација, уништување и егзекуција без прекин веќе 76 години.
– Можеме да претпоставиме каде ќе се прошири овој експанзионизам ако не се запре Израел, кој станува се поразгален и упорен – додаде тој.
Турскиот претседател Ердоган рече дека се неопходни повеќе напори од страна на исламскиот свет и меѓународната заедница за да се добие поголема хуманитарна помош за Газа пред зимата.
Тој посочи дека во Газа и Либан не умираат само деца, жени, стари луѓе, цивили, туку и совеста на човештвото, светско наследство старо илјада години.
Тој додаде дека неговата земја испратила најмногу помош за Газа.
– Помошта што им ја испративме на нашите браќа во Газа надмина 84 тони – рече Ердоган.
Тој нагласи дека ќе ја продолжи борбата до формирање на независна и суверена држава Палестина со граници од 1967 година и главен град Источен Кудс.
– Иако има голема болка, целиот процес со Божја помош ќе заврши со формирање на слободна палестинска држава со границите од 1967 година – рече Ердоган.