Се појавија драматични слики како езерото Ирики, кое е суво половина век, се полни, а дождовите што паднаа во неколку области на југоисточниот дел на Мароко предизвикаа поплави, соопштија метеоролошките агенции на земјата на почетокот на октомври.
Во Тагуните, село на околу 450 километри јужно од главниот град Рабат, за 24 часа се забележани повеќе од 100 мм дожд. Сателитските снимки на НАСА го покажаа полнењето на езерото Ирики, езерско корито помеѓу Загора и Тата кое беше суво 50 години.
– Поминаа 30 до 50 години откако имавме толку дожд за толку кратко време – изјави за АП Хусин Јуабеб, од мароканската метеоролошка агенција, пренесува Index.hr.
Ваквите дождови, кои метеоролозите ги нарекуваат екстратропски бури, би можеле да ги променат временските шеми во регионот во наредните месеци и години. Бидејќи воздухот содржи повеќе влага, тој го поттикнува испарувањето и предизвикува повеќе бури, рече Јуабеб.
Во поплавите во Мароко минатиот месец загинаа 18 лица, а последиците се проширија и во регионите кои минатата година беа погодени од земјотрес. Имаше извештаи и за брановидни акумулации во југоисточниот регион кои се полнеле со рекордна брзина.
Сахара, која со 9,4 милиони квадратни километри е најголемата топла пустина во светот, се протега низ десетина земји во Северна, Централна и Западна Африка. Постојаните суши се проблем во многу од овие земји бидејќи екстремните временски услови се зголемуваат поради глобалното затоплување. Ова ги наведе научниците да предвидат дека слични бури би можеле да се случат во иднина во Сахара.










