Шпанскиот премиер Педро Санчез денес ја повика меѓународната заедница да престане да му продава оружје на Израел, пренесе агенцијата Франс прес.

„Со оглед на сè што се случува на Блискиот Исток, меѓународната заедница треба итно да престане да извезува оружје за израелската влада“, рече тој, говорејќи по средбата со папата Франциско во Рим.

„Дозволете ми во овој момент да ги критикувам и осудам нападите извршени од израелските вооружени сили против мисијата на Обединетите нации во Либан“, додаде Санчез.

Премиерот ги упати повиците во време кога Израел ги интензивира воздушните напади врз Либан со цел да погоди цели на Хезболах. Неговата војна во Газа, започната по нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври минатата година, досега ги однесе животите на над 41.500 луѓе, од кои многумина цивили.

Неделава Израел рани и војници од Индонезија и Шри Ланка од мировната мисија на ОН, позната како УНИФИЛ, стационирана во јужен Либан. Во четвртокот, италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето рече дека тоа „може да претставува воено злосторство и е многу сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.

Повиците на Санчез за замрзнување на испораките на оружје за Израел го повторуваат сличниот апел упатен од францускиот претседател Емануел Макрон. Германскиот канцелар Олаф Шолц, сепак, вети оваа недела дека ќе испрати повеќе оружје до израелската влада.

Најголем доставувач на оружје за Израел се САД, а по нив е Германија.

Европските земји се повеќе се поделени по прашањето за одговор на тензичната ситуација на Блискиот Исток. Шпанија е една од земјите кои минатата пролет одлучија да ја признаат палестинската државност, пренесува Politico.