Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денес го осуди нападот на израелските сили во јужен Либан во кој беа ранети двајца индонезиски воени лица на Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ).
– Тој инцидент е неподнослив и не смее да се повтори – рече Гутереш на прес-конференцијата по средбата со лидерите од Југоисточна Азија на локацијата на АСЕАН одржана во Лаос.
– Го осудувам фактот дека имаше пукање во просториите на ОН, при што беа ранети двајца припадници на мировните сили, што е кршење на меѓународното хуманитарно право – изјави шефот на светската организација.
– Гледаме огромна трагедија во Либан, мора да направиме се за да избегнеме општа војна во Либан – рече Гутереш.
УНИФИЛ во четвртокот соопшти дека израелски тенк пукал во чуварска кула во неговото седиште во Накура, при што биле ранети двајца мировници.
УНИФИЛ има околу 10.000 членови стационирани во јужен Либан, пренесува Ксинхуа.
(Vijesti.ba / ФЕНА)










